Косовската амбасада во Ерусалим е официјално отворена

Знамето на Косово, пред Амбасадата на Косово во Ерусалим

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово денеска соопшти дека косовската амбасада во Ерусалим е официјално отворена, согласно договорот за меѓусебно признавање со Израел, постигнат во Вашингтон на 4 септември минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на косовското МНР се наведува дека, при воспоставувањето на дипломатските односи на 1 февруари годинава, министерот за надворешни работи на Израел, Габриел Ашкенази ја откри плочата на Амбасадата на Република Косово во Ерусалим.

Косово со амбасада во Ерусалим, дали Србија ќе ја премести од Тел Авив?

Косово и Израел воспоставуваат дипломатски односи

На одлуката на официјална Приштина за отворање дипломатско претставништво во Ерусалим, односно за признавање на тој град за престолнина на еврејската држава, се спротивставија Арапската лига, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и официјален Брисел.

Согласно Вашингтонскиот договор со Србија, постигнат со посредство на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, Израел ја призна независноста на Косово, а за возврат Приштина прифати да ја отвори својата амбасада во Ерусалим. На тој начин Косово стана првата земја со мнозинско муслиманско население која отвора амбасада во тој град.