Во Грција продолжен карантинот за уште една недела, училиштата затворени до 29 март

Илустрација: Тестирање за коронавирус во Грција

Карантинот и рестрикциите во Грција се продолжуваат за уште една седмица. Во земјата од вторник до 29 март ќе бидат затворени основните и средните училишта на цела територија, а онлајн настава ќе следат и учениците во деловите од земјата каде што се одржуваше редовна настава со физичко присуство.

Овие одлуки на Комисијата на епидемиолози ги соопшти попладнево заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас.
Грција и понатаму е поделена во две зони темноцрвена („многу зголемена опасност“) и црвена („зголемена опасност“) согласно епидемиолошката слика во секој од регионите. Во темноцрвената зона има полицискиот час од 19 часот до 5 часот наутро, со исклучок на Солун и Атина, каде што од понеделник до петок е од 21 часот, а само за викендите од 19 часот. Во црвената зона полицискиот час е од 21 часот, додека, пак, досега учениците од основните и дел од средните училишта следеа настава со физичко присуство, нешто што од вторник нема повеќе да важи.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин и со воведен полициски час, со исклучок на мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерките.

Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 2.405 нови случаи на ковид-19, од кои 1.137 од новозаразените се во областа Атика, починаа 49 лица, а 521 пациент е приклучен на апарати на Одделите за интензивна нега. Од почетокот на пандемијата во Грција има над 217 илјади потврдени случаи на ковид-19, а починаа 6.986 лица.