СЕП – Добро ја менаџиравме кризата, затоа не се квалификуваме за европска помош

Илустрација

Македонските институции не потрошиле доволно пари во првиот бран од здравствената криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 минатата година и затоа не се квалификуваат за помош од ЕУ, соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

За да добие европска помош, Македонија требало да потроши над 31 милиони евра на здравствениот аспект од кризата од март до јули минатата година, но институциите потрошиле само 8 милиони евра.

Во СЕП велат дека не се потрошени многу пари во првиот бран, поради квалитетно и навремено менаџирање на кризата, односно затоа што била обезбедена голема количина на донации во заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн. кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби и затоа не е постигнат прагот на Фондот за солидарност на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон ден Лејен претходно на Твитер напиша дека комисијата предлага 530 милиони евра помош од Фондот за солидарност за 17 членки на ЕУ и три земји кандидати, Албанија, Србија и Црна Гора. Македонија не беше меѓу земјите кои ќе добијат помош.

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека тоа значи дека Македонија нема да добие „вакцини како дел од пакетот за помош од ЕУ во висина од 530 милиони евра“.