Направивме голем договор вечерва, заедно со Обединетите Арапски Емирати и Кина ќе градиме нова фабрика во Србија за вакцините Синофарм, која ќе ја произведуваме од 15 октомври, најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
„Во наредните денови, во рок од две недели, ќе го сториме тоа и јавно и за потпишување. Тоа ќе биде целосно гринфилд, нова фабрика за вакцини, за вакцините на Синофарм, кои ќе ги градиме заедно со Емиратите и Кинезите во Србија, а со производство на вакцината ќе започнеме веќе на 15 октомври“, рече Вучиќ во изјавата за РТС.
„До тогаш ќе имаме големи количини вакцини за нас, но и за целиот регион, бидејќи она што го научив вечерва е дека ќе мора, барем по буквална цена на чинење, да ја даваме вакцината на регионот, затоа што сè тоа што ние нашите луѓе ги лечиме или дејствуваме превентивно нема да вреди ако има проблем во регионот“, објасни Вучиќ.
Претходно беше соопштено дека во Институтот Торлак во Белград до мај ќе почне да се произведува и руската вакцина Спутник Ве.