Производството на руската вакцина Спутник Ве на Институтот Торлак во Белград треба да започне до 20 мај годинава, соопшти денеска српското Министерство за иновации и технолошки развој. Со тоа Србија ќе стане прва земја во Европа, надвор од Русија, во која ќе се произведува вакцината Спутник Ве.
Договорот за тоа е потврден на состанокот меѓу министерот и копретседавач со Меѓународниот комитет за соработка со Русија, Ненад Поповиќ и рускиот министер за индустрија и трговија Денис Мантуров.
Поповиќ изјави дека во првиот циклус на производство во Институтот Торлак ќе бидат произведени четири милиони вакцини. Тој вели дека претставници на Србија и на Русија до крајот на март треба да потпишат договор за трансфер на технологии.
Во Србија до 16 март треба да стигнат мали количества на супстанците од кои се прави валидационата серија на вакцини. Потоа серијата ќе се прати назад во Русија на анализа. Анализата во Русија трае 21 ден. Откако ќе се потврди исправноста, руската страна ќе почне со регуларна испорака на поголеми количини супстанци за изработка на вакцината во Србија, изјави Поповиќ.
Според него, првата фаза ќе подразбира транспорт на супстанците, полнење во шишенца според највисоките технолошки стандарди, пакување и дистрибуција на вакцината во Србија и регионот. Потоа би следена втората фаза во која супстанциите потребни за вакцината би се произведувале во Србија.
Поповиќ верува дека целосното производство на вакцината во Србија може да започне до крајот на оваа година.
Руски експерти престојуваа во Србија на 11 и 12 февруари за да утврдат дали на Институтот Торлак има услови да се почне со производство и дистрибуција на Спутник Ве.
Руската вакцина освен во Русија, се произведува и во Казахстан.