Мицкоски со писмо до амбасадорите бара помош за одложување на пописот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска преку писмо побарал од неколку амбасадори во Македонија да влијаат на одложување на пописот кој треба да започне од 1 април. Во писмото тој пишува дека „од лично искуство знае какви последици може да предизвика пандемијата по здравјето“, па од таму бара да се сопре теренското испитување.

„Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостиг на вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик за јавното здравје. Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за истиот. Ние мора да сме фокусирани пред сè на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза ние можеме повторно да се насочиме на пописот“, стои во писмото .

Како дел од решението тој предлага пописот да биде одложен за септември.

Претходно, министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференција, изјави дека надлежните ќе превземат се што е потребно за безбедност на попишувачите што ќе го спроведуваат Пописот на населението. Одговорајќи на новинарско прашање рече дека се подготвени и за правање тестови и оти има капацитети да се направат и да се промени протоколот доколку има потреба, меѓутоа смета дека самиот протокол е доволен за заштита од Ковид.