Пендаровски засади даб во спомен на жртвите на холокаустот

Македонскиот претседател Стево Пендаровски засади македонски даб, во спомен на холокаустот на македонските Евреи во логорот Треблинка

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска во дворот на Кабинетот засади дрвце, македонски даб, во спомен на жртвите од холокаустот на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка на 11 март 1943-тата година, а и истовремено, во негово име, а во соработка со амбасадата на Израел, дрво беше засадено и во Ерусалим, во парк шумата на мирот, Амандав, соопшти денеска Кабинетот на Претседателот.

Истакнувајќи дека садниците се израз на почит кон малубројната, но исклучително значајна еврејска заедница во Македонија, претседателот Пендаровски во својата порака рече дека со векови, еврејската заедница била плодно стебло на македонската почва.

„Наша желба, како држава и како луѓе, е еврејската заедница одново да израсне во плодно стебло. Нивните корења нека се напојуваат од сеќавањата, а гранките нека носат надеж за иднината", потенцира претседателот Пендаровски.

Во текот на Втората светска војна биле убиени над шест милиони Евреи. Само во логорот Треблинка за околу една година биле убиени околу 900.000 жени, мажи и деца, а меѓу нив биле и 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип коишто претставувале дури 98 проценти од македонската еврејска заедница.