„Ла Верита“ објавува „писма од Филипче за кинеските вакцини“

Принтскрин од објавата на „Ла Верита“ за писмата од министерот за здравство Венко Филипче до Синофарм за набавка на кинеските вакцини

Италијанскиот весник „Ла Верита“, по вчерашната објава на „причините за враќањето на македонскиот аванс за кинеските вакцини, денеска објавува нов текст во кој објавува, како што пишува, „две писма од министерот за здравство Венко Филипче адресирани до кинеската компанија „Синофарм“ од 25 декември лани и од 25 јануари годинава“, а поврзани со набавката на ковид вакцини за Македонија.

Во едното писмо, според „Ла Верита“, кое Филипче го испратил лани во декември до кинеската компанија, „изразува интерес на нашата земја за набавка на нивната вакцина“. Според напишаното во италијанскиот весник, „проблематична е, всушност, содржината на второто писмо во кое компанијата, односно Кина, се ослободува од каква било одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината“. Ова, според „Ла Верита“, е спротивно на многу меѓународни конвенции и претставува кршење на основната институционална мисија, а тоа е заштитата на здравјето на своите граѓани.

Видете и ова: „Ла верита“: Кина го вратила авансот на Македонија поради фантомска фирма


Овој текст на „Ла Верита“ е продолжение на вчерашниот, во кој авторот на текстот вели дека „причината за враќањето на авансот што го уплати Македонија за набавка на 200.000 вакцини е тоа што требало да се одвива преку посредничка фантом-фирма, со седиште во Хонгконг, а тоа оставило сомнеж кај официјален Пекинг што, пак, довело до поништување на процедурата“.

Премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче вчера на ова реагираа дека „при напорите да се обезбедат вакцини против ковид е направено се, но ништо на незаконски начин“.

Министерот Филипче изјави дека имало обид набавката на вакцините да се изврши преку приватни фирми, но, се покажало дека тоа не е правилниот пат, по што крајната одлука била да се набават преку кинеската амбасада и кинеското МНР..

Денеска Државната комисија за спречување на корупција рече дека собираат информации за да видат дали и каков основ имаат за постапка во овој случај. Опозицијата остро обвини 2за криминални дејства при набавката на вакцините преку грбот на граѓаните и нивното здравје“.

Весникот „Ла Верита“ и стана познат на македонската јавност во 2019 година кога почна со објавување на видео содржини поврзани со случајот „Рекет“, Бојан Јовановски - Боки 13 и со бизнисменот Орце Камчев.