Заев и Брнс на средба за владиниот план за борба со корупцијата

Премиерот Зоран Заев и амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мери Брнс

Премиерот Зоран Заев и американската амбасадорка во Македонија, Кејт Мери Брнс, вчера имале средба на која разговарале за усвоениот владин План за борба против корупцијата, соопшти денеска владината прес-служба.

Според владиното соопштение, премиерот Заев истакнал дека Владата е целосно посветена на неговото спроведување како системски организиран процес за зајакнување на капацитетите и за синхронизирање на активностите на институциите за бескомпромисна борба против корупцијата, непотизмот, судирот на интереси и злоупотреби на позициите. Според владиното соопштение, американската амбасадорка „ги поздравила ваквите напори“.

Премиерот Заев и амбасадорката Брнс разговарале и за реформите предвидени со „Агенда: Европа дома“, во која, освен утврдените чекори за борба против корупцијата, се вклучени и мерки за обезбедување европски стандарди за изборните реформи, за правосудството, темелните човекови права, реформите во медиумската сфера, економско владеење, реформа на јавната администрација, како и за реформите во областа на животната средина и климатските промени.

„Со посебно внимание премиерот Заев и амбасадорката Брнс се задржаа на можностите за унапредување на економската соработка и за пројавениот интерес на некои компании од САД да инвестираат во Северна Македонија“, се наведува во соопштението од Владата.