Влада: При набавка на софтверот не е прекршена ниту една процедура

Илустрација

Владата ги повикува надлежните институции вклучително и ДКСК да ги извршат сите неопходни проверки меѓу која и таа дали при обезбедување на софтверот за „определување на просечна брзина на возила во сообраќај и изрекување на казни“, се прекршени какви било процедури, правила, стандарди или е нарушен принципот за избегнување на конфликт на интерес, е наведено во денешното соопштение.

Станува збор за софтвер кој Генералниот секретаријат на Владата го набавил пред 8 месеци од фирмата „Инвока Гроуп“ кој ниту е инкорпориран во системите на МВР, нити МВР, како што вели, има план да го користи.

Во владиното соопштение кое вечерва беше објавено е посочено дека при набавката на софтверот не била прекршена ниту една процедура за јавни набавки, и дека не бил констатиран никаков конфликт на интерес.

„Софтверот, изработен од „ФИНКИ“ и Друштво за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „ИНВОКА ГРОУП“ ДООЕЛ Скопје е целосно оспособен, тестиран и предаден со изворен код кој е наменет за следење на сите прекршоци. Создаден е за различни камери, не фаворизира ниту еден хардвер и може да детектира многу широк спектар на различни сообраќајни прекршоци. Тој претставува автоматизиран систем кој го елиминира човечкиот фактор при одлуката за санкционирање на сообраќаен прекршок и со оваа функционалност значајно ќе го подобри регулирањето и почитувањето на сообраќајните правила“ се вели во соопштението.

Не е само софтверот за МВР, Владата ѝ исплатила на „Инвока“ околу 400 илјади евра

Во соопштението е наведено дека за тестирањето на софтверот биле известени Министерството за внатрешни работи односно Бирото за јавна безбедност.

Претходно денеска од МВР соопштија дека софтверот за определување на просечна брзина на возила во сообраќај за изрекување на казни не е дел до системот на МВР, иако тој е набавен пред 8 месеци.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска изјави дека отвориле предмет против поранешниот генерален секратар на Владата Рашковски, за набавка на софтвер кој што не се користи во МВР.