Русија воведе ограничувања на Твитер

Логото на Твитер со руското знаме. Илустрација.

Руската Агенција за надзор на медиуми, Роскомнадзор, воведе ограничувања на Твитер со забавување на брзината на социјалната мрежа низ целата земја поради „неуспехот“ да се отстрани забранетата содржина. Според соопштението, мерката има за цел „да ги заштити руските граѓани од влијанието на незаконска содржина“ и агенцијата притоа се закани дека целосно ќе ја блокира социјалната мрежа доколку не постапи по нивните барања.

Таквиот чекор доаѓа во време на напори за засилување на контролата врз социјалните медиуми и затегнување на платформите што се користат за организирање протести за поддршка на затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални.

Роскомнадзор наведува дека заклучно со 10 март, Твитер имал 3.168 објави со забранета содржина на својата страница, вклучително и над 2.500 објави кои поттикнуваат самоубиство кај малолетници. Во изјавата на Роскомнадзор се споменува и содржина за нелегална дрога и порнографија.

„Сто проценти од мобилните гаџети и 50 проценти од немобилните уреди ќе бидат погодени од мерката за забавување на услугата. Доколку Твитер продолжи да ги игнорира барањата на законот, мерките за спроведување ќе продолжат во согласност со регулативите за одговор (до целосно блокирање на страницата)“, се додава во соопштението на Роскомнадзор.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјави дека владата нема желба да блокира ништо, но додаде дека е сосема разумно властите да спроведуваат усогласеност со законот.