Чешкиот претседател Милош Земан повика да биде сменет министерот за здравство Јан Блатни бидејќи тој не брзал со издавање на дозвола за користење на руската вакцина Спутник V против ковид-19 во земјата.
Блатни изјави дека вакцината треба да се користи во земјата само откако ЕУ ќе ја регистрира, додека Земан инсистира дека чешките власти треба да продолжат со вакцинирање со Спутник V.
Во интервјуто за весникот „Парламентни листи“, Земан рече дека руските и кинеските вакцини треба да бидат дозволени за употреба веднаш во земјата, која во моментов има најголема стапка на инфекција по глава на жител во ЕУ.
„Двете најголеми пречки за ова се министерот за здравство, Блатни и исто така и директорката на Државниот институт за контрола на фармацевтски производи [Ирена Сторова]“, рече тој, додавајќи дека со одложување на употребата на вакцините, двајцата службеници се одговорни за луѓето кои непотребно умираат од ковид-19 во земјата.
До неодамна, Земан, кој беше вакциниран со вакцината на Фајзер во јануари, го делеше ставот дека земјата треба да чека на одобрување од страна на ЕУ за употреба на кинеската и руската вакцина.