Битиќи - Абазовиќ: Ни треба економија, регионот е изморен од караници

Вицепремиерите на владите на Црна Гора и на Македонија, Дритан Абазовиќ и Фатмир Битиќи во Скопје, 10 март 2021

На заедничкиот регионален пазар целта е да се зајакне економската соработка, да се зголеми конкурентноста, но и привлечноста за пазарите на ЕУ. Регионална конкурентност, наместо регионална конкуренција. Ова е нашата иднина, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи, на денешната заедничка прес-конференција со потпретседателот на црногорската Влада, Дритан Абазовиќ, по средбата на која се разговарало за економската соработка помеѓу двете земји.

Според Битиќи, тоа ќе ja зајакне способноста за справување со предизвиците, како што е моменталната пандемија, ќе донесе просперитет за граѓаните, напредок за регионот на Западен Балкан и ќе ги подготви економиите за влез во ЕУ.

Абазовиќ посочи дека регионот е изморен од караници, од национализми и дека фокусот треба да се сврти кон економијата и кон прогресот, а земјите од Западен Балкан со заеднички настап можат полесно да добијат поголеми перспективи за развој и напредок.