Заев по објавата на „Ла Верита“: Баравме вакцини, но законски

Премиерот Зоран Заев

По објавата на италијанскиот весник „Ла Верита“, дека, како што пишува весникот, „Кина го вратила македонскиот аванс за ковид вакцините поради фантомска фирма посредник“, премиерот Зоран Заев, денеска изјави дека „се правело се за да се обезбедат вакцини, но ништо со лоша намера или незаонско“.

Тој денеска потврди дека со министерот за здравство Венко Филипче преку посредници сакале да ги набават 200-те илјади кинески вакцини на Синофарм, па им бил вратен авансот, но „целта им била да се најде начин како побргу да се стигне до вакцините“.

„Во овој период правиме напори по какви било канали како што очекуваат нашите граѓани за час поскоро да ги имаат вакцините. После две недели, не можевме да добиеме контакт преку кинеската амбасада со Синофарм и дадовме нарачки преку приватни компании, кои што Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа авансот беше повлечен. Сега очекуваме нарачките да пристигнат преку МНР на Кина, односно преку кинеската амбасада“, рече денеска премиерот Заев.

Премиерот изјави дека не го прочитал текстот на „Ла Верита, но рече дека негира какви било незаконски дејства.

„Апсолутно негирам какви било лоши намери и незаконски дејствувања. Имавме писма за интерес преку повеќе компании, не само во Кина“, изјави Заев.

Тој додаде дека преку писма за намери Владата остварила контакти со десетина приватни компании од разни земји за да се дојде побргу до потребниот број на вакцини.

„Да, сме правеле нарачки, ни помогна и „Пауер Чајна“, мајка-компанија на Синохидро. Таа е една од кандидатите за изградба на Чебрен, џиновска компанија во сопственост на Кина“, рече Заев.