„Ла верита“: Кина го вратила авансот на Македонија поради фантомска фирма

ПринтСкрин од објавата на онлајн изданието на весникот „Ла Верита“ за македонскиот аванс за кинеските вакцини

Италијанскиот весник „Ла верита“ денеска, во текст со наслов „„Битка помеѓу Кина и Русија за Балканот“, објавува дека причината за враќање на авансот од Македонија даден за вакцините од кинескиот производител „Синофарм“ е тоа што, како што вели весникот, „зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонг Конг, а која била наведена во две писма од министерот за здравство Венко Филипче до 'Синофарм'“.

„Кулминацијата со лошото менаџирање и набавувањето на вакцините се случи уште еднаш во Македонија каде владата предводена од Зоран Заев е подготвена дури и на сметка на здравјето на граѓаните да се бори за својот спас. Во едно телевизиско интервју во јануари, Зоран Заев ги информираше Македонците дека никогаш не би побарал помош од Кина и Русија бидејќи земјата, по влезот во НАТО, треба да се потпре на своите западни сојузници. 'Ла верита', меѓутоа, дојде до две писма од министетот за здравство Венко Филипче, коишто уште еднаш го демаскираат македонскиот премиер. Првото писмо докажува дека министерот Филипче испратил барање до кинескиот „Синофарм“ дури на 25 декември 2020, додека уште едно второ писмо од 25 јануари, годинава, вели дека министерот дури и би ја ослободил Кина од било какви негативни ефекти од вакцината. Ова го потврдува притисокот на балканската влада за финализирање на договорот. Заев призна, подоцна, дека се обратил до Пекинг, но на крајот на февруари, годинава, комунистичкиот Пекинг му го вратил авансот“, пишува „Ла Верита“.

Видете и ова: Заев објаснуваше за кинеските вакцини и за повлечениот аванс


„Ла Верита“, повикувајќи се на свои извори кои не ги открива, пишува дека „причината за ова е тоа што зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонг Конг, која е наведена исто така во сите официјални писма на министерот Филипче“.

„Фактот што приватна фирма, која според првични анализи нема стабилни темели, но има доволно средства депонирани во германската Дојче банк, била вклучена од страна на македонската влада во посредувањето, оставило сомнеж на официјален Пекинг дека можеби се наоѓаат пред обид за измама, и тоа донело до поништување на процедурата. На крајот од денот, Кина се држи до принципот на директно управување со помошта и провизиите со владите, уште од почетокот на пандемијата. Уште еден потенцијален обид за корупција извршен од мрежата на Заев, дури и на сметка на здравјето на граѓаните, овој пат се судри со тврдоглавоста на комунистичкиот кинески режим“, пишува „Ла Верита“.

Премиерот Заев, во вчерашното интервју за ТВ Сител, кажа дека Владата се обидела да набави од кинеските вакцини по различни канали, дека „се направени обиди и за купување на вакцини и преку партнерската компанија на „Синоходро“, „Пауер Чајна“, компанија која учествува на тендерот за хидроцентралите Чебрен и Галиште.

Италијанскиот весник „Ла Верита“, последните две години во неколку наврати објавуваше текстови поврзани со работењето на премиерот Заев и неговата Влада. Весникот лани во јануари објави видео со документи за наводна изборна имама на Заев во 2014 година, што Заев остро ги демантираше. Во декември 2019 година, пак, истиот весник, во своето онлајн издание објави видео од наводна средба на Бојан Јовановски Боки 13 и Зоран Милески Кичеец со бизнисменот Јордан Камчев, а во контекст на случајот „Рекет“.

Премиерот Заев негира незаконски дејствија

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција изјави дека е вистина дека Владата соработувала со приватни фирми за набавка на вакцини против ковид-19. Тој рече дека „не ја прочитал утринската вест на Ла Верита, но дека Владата се обидувала на секој начин да најде побрзо вакцини за граѓаните“.

„Апсолутно негирам какви било лоши намери и законски дејствувања. Имавме писма за интерес преку повеќе компании, не само во Кина“, изјави Заев и додаде дека сепак, за набавката „се одлучило да се оди преку кинеската амбасада и кинеското МНР“.