Сојузот на средношколци денеска преку соопштение информираат дека „работата на Министерството за образование и наука (МОН) ја оцени со „1“, незадоволни што средните училишта сѐ уште се затворени“.
„Помина цела година откако пандемијата ги затвори средните училишта. Поминаа 365 дена без еден средношколец да се врати во училишните клупи. Наместо да научат нешто од периодот март-јуни 2020 година и тоа време да го искористат за изготвување на јасна стратегија како и кога (средните) училишта ќе бидат повторно отворени, на институциите им се случи ERROR 404. Исто како и на училиште – кога не си подготвен за часовите, добиваш единица, така и МОН се здоби со една голема единица за својата работа по ова прашање“, се вели во соопштението.
Сојузот информира и дека спровеле анкета меѓу членовите и објавува дел од резултатите.
„Иако Сојузот се залага за комбинирана настава преку давање на конкретни предлози, гледаме дека тоа не се случува. Направивме истражувања за наставата од далечина и нејзините ефекти, коишто ни покажаа дека: 70% од учениците рекле дека во нивниот клас има ученици кои не се поврзуваат на настава. 80% од испитаниците го оценуваат квалитетот на онлајн наставата со 1, 2, или 3“, стои во соопштението од Сојузот.
Според средношколците, ова биле само краткорочни последици на наставата на далечината. А, според нивните предивидувања, тоа ќе влијае многу врз развојот на учениците.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, завчера изјави дека школската година ќе заврши како што почна - со хибридна настава, комбинирано онлајн и со физичко присуство. Таа информираше и дека состојбата во училиштата каде има физичко присуство на настава е стабилна и дека не се размислува за нови анти-ковид мерки.