САД и ЕУ ја обновуваат соработката за климатските промени

Потпретседателот на Европската комисија одговорен за европскиот зелен договор Франс Тимерманс и специјалниот пратеник на САД за клима Џон Кери пред состанокот со Брисел. 09.03.2021.

САД и Европската унија мора да ги здружат напорите во борбата против климатските промени пред штетите да станат неповратни, изјави американскиот пратеник за клима Џон Кери при денешната посета во Брисел.

Кери треба да се сретне со претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен и нејзиниот врвен тим, за неговите први разговори со претставници на ЕУ по промената на администрацијата во Вашингтон.

Посетата се случува во пресрет на 26-тата конференција за климатските промени на Обединетите нации, која ќе се одржи во ноември во Глазгов, Шкотска.

„Ова е моментот“, предупреди Кери.

„Глазгов е последната најдобра можност што ја имаме. Најдобрата надеж дека светот ќе се собере и ќе се изгради“ врз Парискиот договор за клима потпишан во 2015 година.

Минатиот месец, откако американскиот претседател Џо Бајден за презема функцијата, САД официјално повторно се приклучија кон Парискиот договор, потег кој беше поздравен од европските лидери.

Глобалниот договор обврза повеќе од 195 земји да обезбедат услови атмосферата на Земјата да не се загрева повеќе од 2 степени целзиусови во однос на прединдустриските нивоа, но по можност да се постави границата на глобалното затоплување на 1,5 степени.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од договорот во 2017 година, тврдејќи дека тој го ограничува она што можат да го сторат американските бизниси.