Во искушение сум бидејќи на некој начин е очигледно дека се работи за предизборен фолклор и колку поголема реакција предизвика оваа објава кај нас толку поголем ефект има кај нив.
Вака вицепремиерот Никола Димитров денеска ја коментираше осмомартовската честитка на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, на која е поставена карта од Санстефанска Бугарија во чиј состав е ставена и Македонија.
„Во искушение сум бидејќи на некој начин е очигледно дека се работи за предизборен фолклор и колку поголема реакција предизвика оваа објава кај нас толку поголем ефект има кај нив. Меѓутоа принципиелно и со умерени зборови ќе кажам дека со оние кои сакаме да имаме добрососедски односи важно е да сме внимателни во она што го кажуваме и објавуваме на социјалните мрежи и треба да избегнуваме објави во кои има територијални претензии“, изјави Димитров на новинарско прашање, на денешната прес-конференција на која беше претставена новата владина агенда „Европа дома“.
И премиерот Заев денеска го коментираше потегот на Каракачанов.
„Како што е подготвен да шутира Никола и јас сум, веројатно кога ти местат пенал, но мора да внимаваме дека натпреварот трае и треба да трае. Ова го кажувам од аспект што Договорот за пријателство со Бугарија покажува дека државите меѓу себе немаат територијални претензии, а притоа ќе кажам и јас дека немам намера да влегувам во предизборен фолклор на соседна земја или која било друга пријателска земја“, рече премиерот Зоран Заев на прес конференцијата во Владата.
Претходно реакција за „честитката“ на Каракачанов имаше и од Кабинетот на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Претседателот реагираше дека потегот на бугарскиот вицепремиер е „отворено кршење на Договорот за добрососедство“.