Од утревечер, 10 март, со почеток во 22 часот се воведува полициски час како мерка против ширењето на коронавирусот, одлучила владата на денешната седница, информираше денеска премиерот Зоран Заев.
Полицискиот час ќе биде како што предложи Комисијата за заразни болести - од 22 часот до 5 часот наутро. Ќе трае до 22 март 2021 година.
„Дадени се инструкции за засилени контроли со конечна цел, спречување на ширење на заразата. Државата треба да продолжи економски да живее, а истовремено да укотвиме најголем дел од граѓаните кои се социјално активни. Тоа се младите кои се најголеми пренесувачи на заразата, бидејќи понекогаш не ни знаат дека се заразени. Оваа мерка ќе влијае на стабилизација на бројките“, рече Заев на денешната прес-конференција.
- Филипче: Ова е многу силен бран, барам разбирање и поддршка
- Полициски час - економијата не може да издржи допoлнителни мерки
Предлогот е на Комисијата за заразни болести, а министерот за здравство, Венко Филипче, образложи дека барањето се должело поради нецелосното почитување на дел од анти ковид мерките, особено поради собири после 22 часот и недозволени групирања.
Според премиерот, Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, кои за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти, а оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници. За транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин. Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.