Она со што сега се соочуваме е навистина силен бран и сме приморани да препорачаме една ваква мерка на рестрикција на движењето, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, во пресрет на владината одлука за воведување двонеделен полициски час поради пандемијата, од 22 часот до 5 часот наутро.
„Психолошки можеби влијае кај луѓето, но барам разбирање и поддршка. Сето ова е во интерес на заштита јавното здравје со цел овој бран на некој начин да го амортизираме. Сведоци сме дека младите се собираат и во вечерните часови на јавните површини, не се носат маските и очигледно е дека британскиот сој кој е се поприсутен кај нас – над 70% - го прави своето“, изјави Филипче во „Утрински брифинг“.
Според министерот, „не е лесно, ниту едноставно да се спроведе забраната за движење“, но дека целта е да се намали движењето во вечерните часови после затворањето на угостителските објекти.