Марш за женски права- држава што не постапува е држава што силува

Скопје- Марш за женски права во Скопје под слоганот - Државата што не постапува е држава што силува, 08.03.2021

Неколку стотини луѓе денеска излегоа на протестниот Марш за женски права кој годинава се одржа под слоганот „Држава што не постапува е држава што силува“. Маршот почна пред Министерството за внатрешни работи, а заврши во паркот Жена борец спроти Собранието.

Активистите носеа црни маски со аплицирана црвена рака која изгледаше како да ги замолчува, а носеа пароли на кој пишуваше „непостапувањето е соучество“, “насилството мора да се казни„ и други.

Тие побараа од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство неодложно да постапат по сите конкретни барања, односно кривичен прогон за сторителите од ’Јавна соба‘, кривични пријави и обвинителни акти против сторителите за делата злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобични материјал по пат на компјутерски систем.

Случајот „Јавна соба“ ја вознемири јавноста неодамна откако групата на комуникациската мрежа Телеграм, првично откриена лани, се покажа дека се уште е активна. Во неа се објавуваа експлицитни фотографии и контакти од девојки и жени. Маршот беше во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.