„Султан“ партиите никако да се реформираат

Зоран Заев, Билал Касами, Зијадин Села, Христијан Мицскоски и Али Ахмети

И македонските и албанските политички партии зборуваат за демократизација на партиите и наводната подготвеност да слушнат и различно мислење. Според Александар Кржаловски од МЦМС за реформа на таканаречените „султан“ партии, ќе треба и време, но и промена на начинот на размислување во нив

Поддршка за демократизација на партиите, нивно реформирање и освежување, навидум постои од страна на сите политички партии во земјава. Деновиве премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев најави внатрепартиски избори на кои секој член ќе може да гласа за нов претседател на СДСМ, но тоа ќе се случи откако ќе поминат мартовските избори за претседател на партијата, на кои кандидиран е само тој.

Во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време време постојат превирања помеѓу дел од членовите на партијата со раководството предводено од лидерот Христијан Мицкоски. Иницијативниот одбор за промени бара Вонреден конгрес на партијата и гласање доверба на актуелниот претседател на партијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека демократијата во партијата значи дека треба да се почитува Статутот на таа партија, а изборот на кадрите за раководство со неа, да се прави согласно највисоките етички и морални правила.

Видете и ова: Нема несогласувања во ДУИ што Ахмети не може да ги „испегла“

По последните информации дека и во владејачката ДУИ има поделеност и незадоволство од некои членови, беше соопштено дека сите недоразбирања се надминати, а лидерот Али Ахмети во јавноста изјави дека не треба да се задушува различното мислење во партијата.

Но, според аналитичарите, ваквите ставови на партиите пред јавноста се само декларативни, а во пракса работите не фунционираат така. Алексанар Кржаловски, директор на Македонскиот Центар за меѓународна соработка, вели дека одамна е дојдено времето за промени во таканаречените „сулан партии“ , кои целата моќ ја концентрираат во лидерството.

„Ова со внатрепартсики избори за претседател на партија што го прави СДСМ е за поздравување, но тие не го доодеа процесот до крај бидејќи на крај повторно има само еден кандидат. Уште почудно е што на последниот конгрес Заев имаше 3 противкандидати и за мене е чекор назад кога на вакви „условно кажано подемократски избори“ тој да е единствениот кандидат. Исто и во ВМРО-ДПМНЕ освоија нов статус со демократски поместувања, но без суштински промени, односно повторно концентрацијата на моќта е во претседателот на партијата. И кај ДУИ е слично, гледаме тензии меѓу оние кои се поставени за министри, а не истрчале доволно на терен за разлика од тие кои ги донеле гласовите, а не завршуваат со извршни функции“, објаснува Кржаловски.

И политичкиот аналитичар Сефер Селими од невладината „Демокраси Лаб“ вели дека лидерите на партиите не се подготвени да се откажат од моќта и привилегиите кои ги носи нивната функција.

„Со постоечкиот модел и ваквиот пристап политичките партии праќаат сигнал дека не се подготвени за реални реформи внатре во партиите, а со тоа го држат во залошништво целото општество. И токму овој начин на водење политика ги обесхрабрува младите, квалитетни кадри да се занимаваат со политика. Промените тешко се прават затоа што во последните 30 гдини најпрофитабилна позиција била политичар“, вели Селими.

Дел од аналитичарите велат дека во партиите и кај македонскиот и кај албанскиот блок тешко дека има место за мислење кое е поразлично од мислењето на лидерот на партијата, иако декларативно се залагаат за тоа. Искуството покажува дека на прсти може да се избројат кои се биле лидери на партиите и дека тие управуваат со неколкумина свои најблиски соработници.

„Сето ова треба да се промени од корен во самите партии, но тоа бара подруг начин на размислување во самите раководства на партиите, тие се дојдени и навикнати на такви претходни пракси во партиите и кога ќе стигнат до власта во партијата не им е лесно туку така тие да ја направат неопходната промена. Така што веројатно тоа ќе потрае уште некое време, додека не разберат дека таквиот начин на функционирање на партијата не носи резултати и за самата партија но и за државата воопшто“, заклучува Кржаловски.

Во 2018 година членовите на ФРОДЕМ и на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ побараа од новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да си остане на ветувањето дека ќе го усогласи статутот со статутите на сестринските партии од Европската народна партија и ќе дозволи дејствување на фракционерството во рамките на матичната партија.

Во јули минатата година беше донесен новиот Статут на со кој се овозможува примена на начелото на непосредна демократија, односно „партијата е должна да им овозможи на сите оние што се релевантна група истомисленици да си го искажат своето мислење и воедно, врз основа на таквиот нивен став, партијата да донесе партиски став кој во иднина ќе се применува од страна на сите членови на партијата, со цел подобрување на целокупниот општествен живот во земјата“.