Иран е подготвен да преземе чекори со кои ќе ги исполни мерките согласно нуклеарниот договор склучен со светските сили во 2015, веднаш штом САД ги укинат економските санкции кон земјата.
„Штом САД ќе ги укинат нелегалните санкции и ќе се откажат од политиката на закани и притисоци, Иран ќе ги исполни своите обврски“, рече денеска иранскиот претседател Хасан Рохани на средбата со ирскиот министер за надворешни работи Симон Ковени, за време на дипломатските напори за заживување на историскиот нуклеарен договор.
Ирска не учествуваше во договорот, но Даблин има улога на олеснувач во спроведувањето на нуклеарниот договор.
Рохани ги критикуваше европските потписнички на договорот - Велика Британија, Франција и Германија, за, како што рече, непостапување по нивните обврски од договорот. Според него Иран е единствената страна што платила цена за тоа.
Американскиот претседател Џо Бајден сигнализираше дека е подготвен да го оживее договорот, но инсистира на тоа Иран најпрво да се врати на обврските кои произлегуваат од договорот.
Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, еднострано го повлече Вашингтон од договор што имаше за цел да ја ограничи нуклеарната програма на Иран во замена за ослободување од санкциите. По повлекувањето во 2018 година, САД повторно воведоа санкциите кон Иран. А, како одговор на тоа Иран почна да прави отстапки од договореното.