Пратка од 3000 вакцини од рускиот производител „Спутник Ве“, пристигна денеска на скопскиот аеродром. Тоа е правата пратка од руските вакцини што пристигна во државата. На аеродромот пратката ја дочекаа министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорот на Руската Федерација во земјава Сергеј Баздникин.
Пратката пристигна со редовен лет на „Ер Србија“ од Белград , а е преземена преку службата на ДХЛ од Москва во Белград каде стигнале и одредени количини за Србија, заедно со овие 3000 за нас.
Вакцините се чуваат на температура од – 18 до -20 степени, а ќе се чуваат во фрижидерите во пунктот во „Јане Сандански“. Вакцинацијата со овие вакцини најверојатно ќе почне в среда во пунктовите во Здравствениот дом – Скопје, рече министерот. Согласно националниот план, први вакцина ќе примат најстарите граѓани со хронични болести и луѓето сместени во старечките домови, рече тој.
Во упатството на вакцината на „Спутник Ве“ има препорака за претпазливост само кај трудници и доилки. Не е наведена никаква друга контраиндикација, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
Според Филипче, од кинеската вакцина се очекуваат 200.000 дози од кои одредена количина може да дојде за кратко време, но се уште не е точно потврдено кога. Од руската вакцина исто така треба да пристигнат вкупно 200 илјади дози, а заедно со вакцините на АстраЗенека земјава треба да има 2,2 милиони дози од вакцините против ковид-19. Досега, пак, преку системот за пријавување за вакцинирање се пријавиле 120 илјади граѓани дека сакаат да се вакцинираат.
Рускиот амбасадор рече дека вакцината ќе придонесе за спасување човечки животи и за враќање на македонската економија на траекторијата на раст.
„Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на македонските граѓани со кои уживаме во вековните традиции на пријателство и споделуваме заеднички вредности“, рече рускиот амбасадор.
Вакцинацијата во земјата почна на 17 февруари со 8000 вакцини на Фајзер, кои земјава ги доби од Србија. Тие се наменети за медицинскиот персонал од ковид-центрите.