Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев најави кадровски промени во раководството кои ќе следат по изборите за претседател на партијата, на кои кандидиран е само тој.
Заев вели дека за првпат ќе има внатрепартиски избори на кои секој член ќе може да гласа за нов претседател на СДСМ, и, според Заев, тоа е врвна демократска вредност.
По изборите ќе има Конгрес на партијата некаде во мај и Заев очекува тогаш да има ново политичко освежување. Тој вели дека ќе охрабруваат различни мислења.
„СДСМ е партија во која владее демократијата но сакаме да дадеме шанса за уште поголема присутност на различни мислења, за дополнително да ја зајакнеме демократијата. Многу важен елемент е да ги отвориме вратите и за сите оние кои не мора да имаат книшка од СДСМ, но веруваат во социјалдемократските вредности и проевропските политики“, посочи Заев во интервју за Слободен печат.
Заев вели дека демократизација на партиите е важен процес кој придонесува за демократизација на целото општество.
Изборите за претседател на СДСМ се закажани за 21 март. СДСМ соопшти дека ќе може да гласаат над 80 000 членови со право на глас.