Пандемијата ја намали популарноста на партијата на Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел.

По критиките поради справувањето со пандемијата на коронавирус, поддршката на јавноста за конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел падна на 32 отсто, што е помалку од нивниот резултат на последните парламентарни избори, покажува денеска објавената анкета.

Со падот од два процентни поени за една недела, поддршката на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзиниот баварски сојузник Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), достигна најниско ниво во последната година, покажува анкетата на весникот Билд.

Владата е мета на критики поради бавноста на вакцинацијата, пропустите во дистрибуцијата на ковид-тестови за населението и заморот на јавноста од рестриктивните мерки за сузбивање на епидемијата.

Германските конзервативци достигнаа поддршка од речиси 40 отсто на својот врв за време на првиот бран на пандемијата во пролетта минатата година, кога Германија изгледаше како добар пример во Европа во борбата против ковид-19.

Од слабеењето на поддршката на конзервативците профитираат две движења многу критични кон рестрикциите за населението поради пандемијата: националистичката АфД, која има 10 отсто поддршка, и либералната партија ФДП со 9 отсто, покажува анкетата.

Ваквите податоци се лоша вест за канцеларката, една недела пред регионалните избори во две сојузни држави: Баден-Виртемберг и Рајнската област - Пфалц, кои ќе послужат како тест, пред се во пресрет на парламентарните избори во Германија кон крајот на септември.

Резултатот од 32,9 отсто од гласовите кои двете сестрински партии ЦДУ/ЦСУ го постигнаа на изборите во 2017 година веќе се смета за слаб, иако Меркел повторно беше избрана за канцелар, по четврти пат.