Филипче апелира опозицијата да не ја кочи изградбата на Клинички Центар

Возила на брза помош во постоечкиот Клинички центар Скопје

Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја повикува опозицијата во Собранието да ги повлече 2.000 амандмани со кои е блокиран Законот за изградба на нов Универзитетски Клинички Центар.

Како што соопшти Министерството за здравство, во повеќе наврати досега и за време на собраниските комисии и на седниците за пратенички прашања Филипче и Владата и понудија на опозицијата собраниска комисија којашто ќе ја водат опозициски пратеници и ќе го контролираат процесот на градење, изведба и секој аспект од проектот за Клинички центар.

„Доколку опозицијата не ги прифати овие предлози ќе биде јасно дека воопшто не станува збор за нивна недоверба или желба за унапредување на проектот, туку едноставно стратегија за блокади и некоструктивност која веќе предолго трае“, смета Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да го поддржат, како што велат, контроверзниот закон за Клинички Центар. Според партијата зајакнувањето на капацитетите на здравствениот систем е приоритет за сите, но тоа не треба да се изведе со нетранспарентен процес и закон од само 9 членови, кој не обезбедува никакви детали за тоа што ќе се добие на крајот од проектот.

Нов клинички центар e партиско ветување пред секои избори.

Процесот за изградба на Клинички центар во Ѓорче Петров почна пред две години, втората фаза се одолговлечи поради ковид кризата.