ВМРО-ДПМНЕ - Пакт со мафија не правиме

Владо Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ

„Пактови со мафија не правиме, прво ќе ве поразиме, а потоа ќе одговарате“, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ, еден ден по понудата од премиерот Зоран Заев до опозицијата заедно да прават Влада, на што потоа од ВМРО-ДПМНЕ се согласија на експертска влада предводена од натпартиски човек.

Денеска од опозициската партија велат дека Зоран Заев водел провидна игра, а предлогот за широка влада во која тој ќе одбира кој ќе раководи со ВМРО-ДПМНЕ е, како што велат, најдобриот показател дека владата на Зоран Заев е разнишана.

„И Заев и СДСМ и сета јавност треба да знаат дека пактови со мафија нема, ниту пак ќе поддржиме. Прво ќе ве поразиме, а потоа ќе следува одговорност“, рече денеска на прес-конференција Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.


Од СДСМ, пак, велат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со месеци ја лажел јавноста дека станува премиер и дека имаат парламентарно мнозинство. Од владејачката партија велат дека „пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да се вразумат и конечно да се престројат на страната на граѓаните и државата, но дека и со нив и без нивна поддршка, реформите во интерес на граѓаните продолжуваат, ќе продолжи и напредокот на државата“.

Вчера премиерот отвори можност за влада со опозицијата, а потоа од ВМРО-ДПМНЕ прифатија експертска влада што би ја водела натпартиска личност. Заев рече дека дел од причините за таквата понуда се надминување на поделеноста во општеството и департизација на администрацијата. Потоа од СДСМ потоа рекоа дека понудата за нормализирање на општеството не е насочена кон Мицкоски, оти со него не можело да се разговара, туку дека понудата е до членовите на ВМРО-ДПМНЕ. На што Мицкоски преку објава на Фејсбук рече дека нема шанса за пакт со криминал и криминалци, дека ќе се бори со власта и дека таа ќе биде победена.