Вучиќ - Одговорот на криминалните групи ќе биде безмилосен

Александар Вучиќ

Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа по Седницата на Советот за национална безбедност, со која претседаваше изјави дека надлежните органи ја прошируваат истрагата за уште едно, четврто убиство за кое се товари криминалната организација на неодамна уапсениот Вељко Беливук.

Вучуќ вели дека оваа група имала фотографии и обележани лица на луѓе од Министерството за внатрешни работи, за кои сметале дека им се непријатели. Но тоа не биле челници на Министерството, ниту на Безбедносно-информативната агенција, туку фотографии од оперативци кои директно се бореле против криминалната група.

На седницата се разговарало и за ситуацијата на Косово, забрзување на вакцинацијата, борбата против организираниот криминал и набавката на опрема на безбедносните агенции и војската.

Што се однесува до организираниот криминал Вучиќ изјави дека „Србија успеала во последниот период да се пресмета со неколку криминални групи, кои извршиле голем број убиства“. Одговорот на криминалните групи ќе биде, како што рече, безмилосен и во согласност со законот и моралот.

На прес-конференцијата беа покажани фотографии, кои ги докажуваат злосторства за кои е осомничена криминална група предводена од Вељко Беливук (Веља Невоља) на кои се гледаат телата на убиените, како и снајперски пушки.

Вељко Беливук е водач на навивачите на фудбалскиот клуб „Партизан“. Тој заедно со уште 18 други луѓе е уапсен на 4 февруари. Полицијата ги сомничи за најбрутални дела – киднапирање, убиства, трговија со дрога. Вучиќ рече дека ова е јасна порака до криминалните групи кои планираат да го заземат местото на Беливук.

Вучиќ соопшти и дека пред два дена во областа меѓу Шабац и Лозница е запленет досега најголем арсенал на оружје, а допрва треба да се види со која криминална група тоа е поврзано.

Српскиот министер за полиција Александар Вулин на прес-конференцијата изјави дека полицијата го предала материјалот на Обвинителството за организиран криминал за прислушувањето на претседателот Александар Вучиќ и неговото семејство. Вучиќ и неговото семејство биле прислушувани 1572 пати без основ, а транскриптите од разговорите биле носени кај одредени функционери во Министерството за внатрешни работи.

Што се однесува до Косово, од официјален Белград се бара да ја признае независноста на Косово, рече Вучиќ. Тој вели дека на почетокот на мај треба да продолжи дијалогот и дека претставниците на Србија ќе бидат подготвени за тој дијалог.

„Ќе ги штитиме државните и националните интереси и ќе го чуваме она што можеме да го сочуваме и она што не успеавме да го изгубиме со неодговорните политики во претходните децении“, вели српскиот претседател.

За вакцините Вучиќ ги повика луѓето да се вакцинираат и да не ги слушаат приказните на како што рече неодговорните луѓе дека вакцините се штетни.