Претседателот на Авганистан Ашраф Гани рече дека отворен за одржување нови избори како начин за трансфер на власта, но инсистира дека секоја нова влада треба да произлезе преку демократски процес.
Се чини дека денешните коментари на Гани на почетокот на собраниската седница се обид за поттик на мировните договори со талибанците.
„Трансферот на власта преку избори е принцип за кој не може да се преговара“, рече тој.
„Ние сме подготвени да разговараме за одржување на слободни, фер и инклузивни избори под покровителство на меѓународната заедница. Можеме да разговараме и за датумот на изборите и да најдеме решение“, рече Гани.
Неговите коментари дојдоа неколку дена по информациите дека специјалниот американски пратеник за Авганистан, Залмај Хализад, за време на неговата посета на Кабул оваа недела, предложил нов формат за политичката иднина на земјата.
Хализад сега е во Катар, каде што претставници на авганистанската влада и на талибанците одржуваат мировни разговори од септември.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден почна со ревизија на стратегијата за Авганистан. Тоа го вклучува и договорот со талибанците од пред една година, кој овозможи почнување на мировните разговори. Според договорот, американските сили треба да се повлечат од земјата до мај, но заострувањето на борбите во изминатите месеци ја зголеми загриженоста дека брзото повлекување може да предизвика поголемо крвопролевање и хаос.