Засега нема потреба од воведување на полициски час во ниту еден град со цел спречување на ковид, рече министерот за здравство Венко Филипче. Засега во ниту еден град не се исполнети условите за ограничување на движењето, но ако се одлучи дека тоа може да има ефект, во предвид доаѓаат и такви мерки, рече министерот. По зголемениот број на случаи на новозаразени со ковид-19 во изминатите денови Неготино и Гевгелија побараа да се воведе полициски час во нивните општини. За тоа дали ќе следат построги мерки ќе се знае следната недела.
„Ситуацијата се следи, моментно болничките капацитети не се загрозени и секаде има слободни кревети. Досега се одржани повеќе состаноци со Комисијата за заразни болести, анализата за трендот на ковид-бројките ќе заврши следната недела кога ќе биде соопштен и ставот по ова прашање“, рече министерот за здравство.
Министерот за здравство денеска беше во посета на Општина Сарај, каде се гради нова поликлиника.
Министерот информира дека според анализите, голем број од новите случаи се должат на т.н. британскиот вирус, над 70 проценти, посебно во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и Охрид.
Вакцините-толку блиску, а сепак далеку
Здравствените власти уверуваат дека со почитување на мерките за заштита и со вакцинација ќе се сузбие пандемијата со ковид-19. Вакцинацијата во земјава почна на 17 февруари годинава и досега се вакцинирани околу 3.500 здравствени работници со вакцината на „Фајзер“.
Ресорниот министер Венко Филипче уверува дека сме подготвени за масовна вакцинација на населението. Вакциналните пунтови насекаде низ земјава се подготвени, има едуцирани доктори и сестри за работа со вакцините и смета дека процесот треба добро да се одвива. Информира дека досега околу 120.000 граѓани се пријавени за вакцинација и најави дека се планира кампања за таа цел.
Како што најави премиерот Зоран Заев, в недела во земјава треба по ДХЛ да стигнат првите количини од руската вакцина Спутник V, кои се наменети за три илјади граѓани.
Тоа го потврди и министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека првите количини од руската вакцина Спутник ќе стигнат в недела со специјален транспорт, преку компанијата „ДХЛ“, во соодветно пакување, ладен ланец, со запазување на температурите. Вакцинацијата со тие вакцини многу веројатно треба за започне во среда, рече Филипче.