„Северна Македонија е ценет пријател и сојузник и очекувам да ја продлабочиме нашата соработка во следните години“, напиша секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин во писмото што го испрати до министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Тој во писмото ја честита претстојната годишнина од приемот на С. Македонија во НАТО.
„Соединетите Држави високо го ценат придонесот на Северна Македонија во мисиите на НАТО во Авганистан, Ирак и Косово“, вели Остин.
Тој во писмото оддава признание за досегашната соработка и очекува продлабочување на соработката и оваа година преку активности како што е и американското учество на вежбата „Одлучен удар 21“ чиј домаќин ќе биде нашата земја.
Секретарот за одбрана на САД високо ја оценува иницијативата Криволак да се развива во полигон за поголеми и посложени вежби од кои ќе имаат бенефит и домашните армиски сили, но и сојузниците, САД и НАТО.