СДСМ ќе поддржи една изборна единица на следните парламентарни избори

Премиерот Зоран Заев, денеска, изјави дека СДСМ ќе даде поддршка на предлогот на помалите политички партии за избор на пратеници во една изборна единица, што, како што нагласи е и нивно изборно ветување, бидејќи тоа, според него, значи унапредување на демократијата и давање шанса на помалите партии за рамноправност.

„Ние сме за една изборна единица. Уште еднаш напоменувам тоа е унапредување на демократијата и давање шанса на помалите партии, особено, посебно што во државата покрај помали политички партии, имаме и политички партии со етнички признак. Така што тоа дава поголема шанса за поголема застапеност во самиот Парламент“, рече Заев.

Според него, со ова губат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, а во мал дел и ДУИ, како поголеми партии, веројатно и Алијансата за Албанците, „но добива државата и демократијата“.

Предлогот за една изборна единица официјално го покрена Демократски сојуз на Павле Трајанов, коалициски партнер на СДСМ во Владата.