Ако треба Бугарите ќе бидат споменати во Уставот како посебна етничка заедница, иако досега никој тоа не го побарал, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој во изјава на ТВ21 рече дека „Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани“.
„Немам никаква резерва по однос на прашањето Бугарите да бидат спомнати како посебна етничка заденица во Уставот ако тоа им значи“, рече Османи и додаде дека официјално не чул за такво барање, ниту било разговарано за тоа.
За додавање на Бугарите во македонскиот Устав е потребна негова измена, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
Оваа изјава на Османи доаѓа во време кога се финализира т.н. Акциски план маѓу Македонија и Бугарија за надминување на споровите поради кои, според Софија, Бугарија ја блокираше преговарачката рамка на Македонија и Европската унија.
Решавањето на билатералниот спор со Бугарија е нотиран и во најновиот Извештај на европратениците од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент кој денеска беше усвоен. Оваа Комисија, како што јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, го повика денеска Брисел што побрзо да ги отвори пристапните преговори со Македонија.