Европратениците од Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (ЕП) гласаа за извештајот за северна Македонија дека Европската унија (ЕУ) треба да покаже јасна политичка волја и да ја одржи првата меѓувладина конференција, што официјално ќе го означи почетокот на пристапните преговори, јави дописничката на Радио Слободна Европа од Брисел, Ѓеракина Тухина.
„Ова треба да се направи што е можно поскоро со цел да се спречат понатамошни одложувања, потврдувајќи ги кредибилитетот, објективноста и веродостојноста на процесот на пристапување, но исто така и да се спречат понатамошните одложувања да му наштетат на помирувањето постигнато во регионот“, се вели во извештајот на европратениците.
Овој документ ги повикува властите и политичките партии во Македонија да продолжат со заедничките напори за зајакнување на демократијата, борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото, добрососедските односи и регионалната соработка, истовремено подобрувајќи ја климата за слобода на медиумите и граѓанското општество.
Во поглавјето за билатералните односи во извештајот се наведува дека „Северна Македонија покажала јасен стратешки фокус и посветеност кон интеграцијата во ЕУ, бидејќи продолжува да ги спроведува реформите поврзани со пристапувањето и да работи на решавање на билатералните прашања со соседните земји“.
Исто така, се потсетува на „кооперативниот и конструктивниот пристап“ на Македонија за време на преговорите за Договорот од Преспа со Грција, како и на Договорот за добрососедски односи со Бугарија.
Видете и ова: Османи: Акцискиот план при крај, ќе бидеме рационални место емотивниЕвропратениците, како што јавува дописничката на РСЕ од Брисел, жалат што Бугарија и Северна Македонија сè уште не постигнале договор за отворените билатерални прашања. Наведувајќи дека продолжувањето на дијалогот е клучно, европските претставници ги повикуваат двете земји да постигнат компромис за Акциониот план што вклучува конкретни мерки.
Осврнувајќи се на усогласувањето на надворешната политика, членовите на Европскиот парламент официјално го повикуваат Скопје да го зајакне усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Во овој поглед, „специјална покана се испраќа на Северна Македонија да ја усогласи својата политика со неодамнешната одлука за ограничувачки мерки против Русија“. Во Извештајот, исто така, се изразува загриженост дека земјата станува „се повеќе енергетска и економски зависна од трети земји“.
Автор на овој Извештај е европскиот претставник и известувач за Македонија во ЕП, Илхан Ќучук, кој по гласањето оцени дека пратениците постигнале широк компромис.
„Се согласивме дека е клучно да се најде решение за билатералните прашања во текот и спроведувањето на Договорот за добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија. Конечниот текст испраќа силен сигнал до Северна Македонија за нејзината иднина во ЕУ и повикува на одржување на меѓувладината конференција што е можно поскоро за да се спречат понатамошни одложувања “, рече Ќучук.
Овој извештај беше изгласан со убедливо мнозинство - Гласаа 61 европратеник, од кои 4 беа против, а 2 воздржани. Подоцна оваа година, овој извештај на Комитетот за надворешни работи, ќе биде ставен на гласање на пленарната сесија на ЕП, кога ја доби и верзијата на Европскиот парламент.