Општина Неготино и општинскиот Кризен штаб ќе испратат допис до Главниот координативен штаб на Македонија со барање за воведување на полициски час на територијата на општината на неопределено време, со цел спречување на ширењето на коронавирусот, информираа попладнево од неготинската локална самоуправа.
Кризниот штаб на Општина Неготино денеска одржал редовен состанок на кој се дискутирало за состојбата со коронавирусот во Општината.
„Констатирано е дека состојбата со Ковид-19 во Општината е алармантна, со тоа што бројот на активни случаи во моментот во Неготино изнесува 279 заболени лица“, соопштуваат од локалната самоуправа.
Биле донесени неколку препораки и заклучоци: на Градскиот пазар ќе може да се продаваат само земјоделски производи и им е укажано на угостителите строго да ги почитуваат мерките за работа, строго се забрануваат групирања на јавни површини, а полицијата ќе врши засилени контроли.