Полска не планира да ја купува руската вакцина против коронавирус Спутник Ви, изјави денеска првиот помошник на премиерот Михал Дворчик.
„Што се однесува до руската вакцина, не планираме да ја купуваме, но кога е во прашање кинеската вакцина, го анализираме ова прашање и сè уште не се донесени одлуки“, рече тој на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Спутник Ви веќе е одобрена или е во фаза на одобрување во три држави членки на ЕУ – Унгарија, Словачка и Чешка, а претставници на ЕУ рекоа дека Брисел би можел да почне преговори со производителот на вакцината ако тоа го побараат најмалку четири земји-членки.
Европската агенција за лекови денеска потврди дека го разгледува одобрувањето на руската вакцина. Според нивното соопштение, подносител на барањето е германската компанија Р-Фарм.
Неколку часа подоцна, Европската комисија соопшти дека не се водат разговори за купување на руската вакцина.
Во ЕУ во моментов се користат три вакцини: Фајзер-БиоНТек, Модерна и АстраЗенека, но процесот на вакцинација е бавен поради недостиг на вакцини за сите граѓани.
Полскиот претседател Анджеј Дуда разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг за купување на кинеска вакцина против коронавирус, рече негов помошник на 1 март, но министерот за здравство Адам Недзелски два дена подоцна рече дека во моментов не се препорачува таа вакцина поради недоволно податоци.