Бројките покажуваат дека досега се попишани над 22.000 лица од дијаспората, соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС) и ги отфрли како „лажни“ информациите во врска со апликацијата за самопопишување од странство, според кои, во полето за матичен број може да се внесат 13 нули.
„Овој период во јавноста се лиферуваа низа шпекулации и дезинформации поврзани со најважната статистичка операција. Уште еднаш алармираме да не се пласираат лажни информации дека во апликацијата можеле да се внесат 13 нули во полето за матичен број. Ова не е возможно, ниту видовме каков било доказ или print screen за вакво нешто. Сакаме јавноста да знае дека апликацијата не прави никакви прилагодувања или обработка на податоците внесени од страна на попишувачите. Внесувањето на податоците и матичниот број е одговорност на секој поединец кој пред Законот е обврзан да внесува точни и проверени податоци“, се наведува во реакцијата на ДЗС.
- Пиперевски: Најбитно е дали апликацијата за попис е заштитена
- Бугарската Скејлфокус уверува дека системот за попишување е безбеден
Според Заводот, внесените податоци од друга IP адреса преку VPN врска на Апликацијата за самопопишување, не претставува дополнителен ризик за Апликацијата, туку одговорност за самиот попишувач.
„Ја потсетуваме јавноста дека Скеил Фокус ДООЕЛ Скопје, компанијата што ја изработи Апликацијата за самопопишување согласно Законот за попис, ја направи по светски стандарди и не може да биде одговорна за погрешно пополнети податоци од самопопишувањето. Ова, потенцираме уште еднаш, е одговорност на самите граѓани кои ги внесуваат нивните податоци, а тоа и е утврдено со Законот“, реагира Државниот завод за статистика.