Не се работи за наша несериозност во набавката на вакцините. Едноставно, има недостаток во нивното производство. До крајот на март ќе добиеме 21.000 вакцини од Фајзер, а потоа следуваат и кинеските и вакцините од Русија, одговори денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање, а по реакциите во јавноста и од опозицијата дека Владата не презела се што треба и затоа Македонија се уште нема вакцини против ковид-19.
„Сакам да ги уверам граѓаните дека ние како Влада имаме направено повеќе од тоа што треба за да ги обезбедиме потребните количини вакцини. Договорот од ‘Фајзер‘ стигна, до крајот на март ќе добиеме 21.000 доза од вакцините. Во вториот квартал од годината ќе добиеме поголеми количини“, рече Заев по увидот во почеток на изградба на далекуводот Штип - Овче Поле.
Според него, Македонија досега има нарачано 2,5 милиони дози вакцини од различни производители, а за имунизација на населението треба да се вакцинираат еден милион граѓани.
„Потребни ни се два милиона дози. Имаме нарачано 800.000 од Фајзер, 833.000 дози преку Ковакс механизмот, 400.000 од Кина и 200.000 од Русија. Исто така имаме дополнителни и од ЕУ преку грантот од 70 милиони евра за Западен Балкан како и најавени донации за соседите и со тоа стигаме до 2,5 милиони дози“, рече Заев.
Во земјава досега се вакцинирани над 2.500 медицински лица, од над 8.000 дози вакцини добиени од Србија.