Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, планира да ја формира новата влада на Косово исклучиво со поддршка на пратеници од несрпските малцински заедници, што ја исклучува можноста за формирање коалиција со албанските партии и Српската листа.
На Косово се одржаа предвремени парламентарни избори на 14 февруари и според првичните резултати Самоопределување извојува убедлива победа, но сè уште не е познато дали има мнозинство за формирање влада, односно 61 од вкупно 120 пратеници во Собранието на Косово.
Во изјава за новинарите во Тирана, Курти рече дека верува оти ќе има поддршка од повеќе од 61 пратеник за формирање влада.
„Сигурно ќе имаме поддршка од пратениците од египетската заедница пратениците од бошњачката заедница и други. Ни требаат 61, ќе имаме повеќе од 61 глас. Нема да ни требаат компромиси со стариот режим затоа што луѓето сакаат да се променат, а ние немаме намера да ја кршиме нивната волја, рече Курти.
Самоопределување се враќа на власт во Косово?
Според сегашните податоци на Централната Изборна Комисија, Движењето Самоопределување освои 47,85 проценти од гласовите, Демократската партија на Косово 17,41 процент, Демократската лига на Косово 13,08 проценти и Сојузот за иднината на Косово 7,43 проценти од гласовите.
Во 2020 година, кога беше премиер на Косово, Курти одби да ја вклучи Српската листа во владејачката коалиција, но сепак им додели две министерства, колку што и припаѓаат на српската заедница според Уставот на Косово.