Сите факти и аргументи ни говорат дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис и затоа како пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Собранието поднесовме Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка, информираше денеска Иванка Василевска, пратеничка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозицијата, Владата не сакала да дебатира за пописот туку „од редовна и статистичка операција направила политичка операција за пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови“.
„Нашите издржани забелешки и секојдневни укажувања за недостатоците и аномалиите на овој закон беа и се’уште се: Злоупотреба на европското знаменце и европските вредности и скратената можност за стручна и опширна дебата, недостиг на консензус од сите политички партии, проблематична и недоречена методологија за спроведување на пописот, нефункционален и небезбеден систем за електронска евиденција на дијаспората и погрешен тајминг за одржување на пописот, иако многу европски земји поради КОВИД кризата го одложија пописот за една година“, изјави денеска пратеничката Василевска.
Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ не е против попис на населението, туку, како што рече, против „фингиран и наместен попис“.
Од Владата и од владејачкиот СДСМ неколку пати потенцираа дека обвинувањата на опозицијата во врска со пописот се неосновани и дека попис ќе има.
Првата фаза од пописот почна пред неколку дена и преку посебна интернет апликација веќе се одвива првата фаза со самопопишување на македонските државјани во странство.