Директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, денеска информираше дека „Бугарија, но и други земји претходно барале формулари за поединци за да видат како се изјаснувале на одреден попис, но дека такви податоци не смеат да се даваат“.
„Никој не може да добие формулар од некој како се изјаснил, тие податоци не смеат да се даваат јавно и тоа важи за сите земји во светот. Не е само Бугарија, и други го барале тоа од нас, за да им доставиме како се изјасниле во пописот, но никој не добил ниту пак ние имаме право да даваме ваков податок“, рече денеска Симовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Ваквиот одговор на Симовски следи откако претходно битолското здружение „Иван Михајлов“ побара да им се даде бугарски пасош на оние македонски граѓани кои на пописот ќе се изјаснат како Бугари. Неколку дена подоцна, бугарскиот претседател Румен Радев побара помош од шефовите на безбедносните бугарски служби за заштита на Бугарите во Македонија, на кои, наводно, им биле скратувани правата во Македонија. За македонските власти тоа е „мешање во туѓа држава“.
Тој рече дека досега во дијаспората се регистрирале и попишале околу 18.000 граѓани и дека бројката за него е одлична.
- Бугарската Скејлфокус уверува дека системот за попишување е безбеден
- Османи: Бугарските здруженија да побараат посебна пописна графа
Тој информираше и дека бугарската фирма која ја изработила апликацијата за самопопишување на македонските државјани во странство „не може да има пристап до базата на податоци“.
„Базите се наши и никој друг нема пристап, ниту фирмата која ја направила апликацијата. Во базата може да влезе само претходно проверено лице со сертификат, дури ни јас не можам да влезам во базите“, додаде Симовски.