Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Меѓународен сојуз” со изведување на материјални докази, предложени од Обвинителството. Обвинителството презентираше материјални докази од Управата за финансиско разузнавање, за банкарските сметки и реализираните трансакции на обвинетите во периодот на интерес за случајот, како и документи од Управата за јавни приходи и Централен регистар за здружението „Меѓународен сојуз”.
За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и поранешната пратеничка и висока функционерка на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Според обвинението, Јовановски е обвинет за измама и перење пари, Ременски за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измама и перење пари, а Миле Јовановски за помагање во перење пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Одбраната реагираше на начинот на изведувањето на денеска презентираните докази, како и дека некои од нив немаат сметки во некои од посочените банки или во однос на направените трансакции.
На почетокот на рочиштето, обвинетиот Бојан Јовановски побара изземање на обвинителката Вилма Русковска и побара републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да каже кој е застапник на обвинението, бидејќи, како што рече Јовановски, Русковска не се појавува на секое рочиште, туку „од рочиште на рочиште се менуваат обвинителите“.