Османи: Бугарските здруженија да побараат посебна пописна графа

Илустрација - Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева

По последните реакции од Бугарија за „жалби за непочитување на правата на Бугарите во Македонија“, денеска се огласи македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, со став дека Македонија има успешен модел на мултиетничко оптество и дека граѓанските организации треба да побараат од пописните органи да се внесе графа за оваа заедница на пописот.

„Република Северна Македонија има исклучително успешен модел на мултиетничко општество. Покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници. Во ова смисла никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава. Уште веднаш, претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата“, вели Османи во реакцијата која ја објави денеска на неговата официјална страна на Фејсбук.

Пред неколку дена бугарскиот претседател Румен Радев имаше состанок со шефовите на бугарските безбедносни служби од кои побарал мерки за заштита на правата на Бугарите во странство, а по жалби од здружението на граѓани од Битола, „Иван Михајлов“, кое наводно се жалело дека во Македонија Бугарите не можат слободно да ја кажат својата национална припадност. На тоа рагираа македонскиот претседател Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев кои рекоа дека во Македонија се почитуваат правата на сите заедници и малцинства и дека тоа е мониторирано и од Брисел, а дека свикувањето на безбедносни служби за заштита на права на заедница во туѓа држава „е мешање во внатрешните работи“.