Во изминатото деноночие во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, вкупно 2.353, а се зголеми и бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници, јави МИА од Атина.
Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, приклучени на апарати се 422 лица, 16 повеќе од вчера, а регистрирани се уште 23 смртни случаи.
Од 2.353 новозаразени, половина- 1.159 случаи се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
Минатата недела, по подолг период беа регистрирани над 2.000 нови случаи, а денешната бројка на новозаразени е иста со податоците од средината на ноември, две седмици по почетокот на карантинот.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, со мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, а областа Атика, поширокиот регион на Атина, 19 дена е во строг карантин.