Заев - Николовски: Со „Акција 21“ против корупцијата и остатоците од режимот

Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и премиерот Зоран Заев

Со овој акциски план ќе се спречи корупцијата на Владата и ќе се расчисти со коруптивните остатоци од минатиот режим, рекоа денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски, на презентацијата на акцискиот план за борба против корупцијата.

„Го усвоивме планот за борба против корупцијата наречен 'Акција 21'. Првите два приоритети се борба прочистување на правосудството и борбата против корупцијата, а планот е производ на политичката волја како Влада да се избориме против корупцијата“, рече премиерот Заев.

Заев и Николовски истакнаа дека планот ги содржи сите забелешки, препораки и барања на невладините организации, на Граѓанската платформа за борба против корупцијата, на „Транспаренси“, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на регулаторните тела и сите забелешки и препораки од стратешкиот партнер-САД, Извештајот на ЕК, и од сите релеватни институции кои ја следат состојбата во државата.

Премиерот порача граѓаните и медиумите гласно да зборуваат за оваа појава за да се помогне борбата со корупцијата и додаде дека со планот се опфатени дејностите на актуелната власт, но и на опозицијата, која, како што рече, „ги трошела парите на граѓаните за времето на режимското владеење“.

„Некои се осудени, некои се уште се судат. Додека тие се во обвинителните клупи, ние правиме демонтажа на остатоците на режимот. Додека тие се бореа да нема правда, ние уште од првиот ден започнавме со транспарентност, а тоа е антикорупциски лек, односно воспоставен стандард од кој нема назад“, изјави Заев на денешната прес-конференција во Владата.

Видете и ова: Со „трошки“ не се води борба против корупција


Премиерот потенцираше дека и неетичкото однесување на актуелните функционери нема да остане неказнето и апелира да се пријавува секое мито.

Дел од мерките во планот се екипирање и дигитализација на Обвинителството, со што се очекува да се забрза процесуирањето на пријавите и повеќе да нема пријави во фиоки. Воедно, ќе се дигитализира и Управата за водење матични книги на родени, со што изводите би се ваделе онлајн. Заев најави и креирање т.н. е-инспектор, но и зајакнување на регулативата за укажувачите, со што би се зголемиле пријавите за противзаконски постапувања.

„Граѓаните наскоро ќе ја забележат разликата“, рече вицепремиерот Николовски и додаде дека за да не се повторат „Панами и Белизиња“, се креира точен регистер за сопственици на фирми, а со Советот на Европа се работи на создавање план за утврдување потекло на имот.

„Во рок од 30 дена Министерството за правда заедно со ОЈО се задолжени да направат анализа за сите потребни капацитети и ресурси во истражните центри на обвинителствата. Со тоа ќе се забрза решавањето на предметите. Ќе се дигитализира и Управата за матични книги и веќе чекањето пред шалтерите ќе замине во историјата“, рече Николовски.