Михаил Горбачов, историскиот реформатор и последниот претседател на Советскиот Сојуз пред неговиот распд, денеска го одбележа својот 90-ти роденден, во карантин, „уморен“ како и сите други од ограничувањата поради ковид пандемијата, објави неговиот портпарол, пренесе АФП.
Честитки дојдоа од целиот свет, а претседателот Владимир Путин, лидерот на САД, Џо Бајден, и германската канцеларка Ангела Меркел ги испратија своите најдобри желби, додаде Владимир Полиаков, портпарол на фондацијата Горбачов.
„Тој е во карантин во болница за време на пандемијата. Тој е уморен од ова, како и ние останатите“, изјави за АФП, Владимир Полиаков, портпарол на фондацијата Горбачов.
Додека беше на власт помеѓу 1985 и 1991 година, Горбачов се залагаше за реформи за да се постигне „гласност“ (отвореност) и „перестројка“ (преструктуирање), но неговите политики на крајот доведоа до распад на Советскиот сојуз. По падот на Берлинскиот ѕид, тој ја доби Нобеловата награда за мир во 1990 година за „радикалните промени во односите Исток-Запад“.
Со Горбачов, првиот руски водач кој наполни 90 години, го одбележа својот роденден со семејството и пријателите и веќе добил „куп“ пораки од целиот свет, рече неговиот портпарол. Горбачов разговарал со своето семејство и пријателите според здравствените протоколи.
Рускиот претседател во роденденската честитка, го опиша Горбачов како „извонреден“ политичар.
„Вие со право припаѓате на низа светли и извонредни луѓе, истакнати државници од модерната ера кои значително влијаеле на текот на домашната и светската историја“, рече Путин и ги пофали „енергијата и креативниот потенцијал“ на Горбачов. Путин и Горбачов секогаш имале „специфични односи“.
Американскиот претседател Џо Бајден во честитката го истакна „придонесот на Горбачов за побезбеден свет“.
„Драг претседателе Горбачов, во име на американскиот народ би сакал да Ви упатам честитки по повод Вашиот 90. роденден“, му напишал Бајден на Горбачов.
Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека народот на Германија нема да го заборави придонесот на Горбачов во обединувањето на земјата.
„Денес со гордост може да погледнете назад кон работата на вашиот живот“, рече таа.
Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон рече дека тој и британскиот народ „остануваат воодушевени од храброста и интегритетот што ги покажал Горбачов при носењето на Студената војна кон мирна разрешница“.
Додека Горби, како што нагалено го нарекуваат Горбачов на Запад, неговата репутација дома останува контроверзна, објави АФП.
За едни, пишува АФП, тој е виновен за распадот на Советскиот сојуз, додека други, како на пример весникот „Роскаја газета“, напиша: „Горбачов дојде предоцна. Беше многу тешко да се запре уништувањето. Горбачов дојде прерано. Не бевме подготвени тогаш да го цениме и спроведеме замисленото“.
Во интервју за ТАСС, Горбачов вели дека „знае оти некои го обвинуваат за лековерност“, но вели дека „перестројката била неопходна“.