Недоволниот капацитет на продукција и на фајзеровите и на сите други вакцини во светот дефинитивно е причината за доцнењето на вакцините кај нас, изјави денеска премиерот Зоран Заев. Тој и понатаму тврди дека „навистина денови се во прашање“ и дека Македонија направила се што е потребно за што поскоро да стасаат вакцини против ковид-19.
„Не сме членка на Европската Унија и сме надвор од земјите членки на ЕУ и во такви околности сме преземале дејствија коишто значат склучување на договори, склучување на анекси на договори, некаде дури и авансирање пари се со конечна цел да ги склучиме договорите со сите постоечки вакцини. Значи ги имаме преземано дури и чекорите на линија на црвената граница во функција на количините, дури и ако треба да поминат количини кои на крајот не би се имплементирале, но да имаме нарачки на крај. Така беше последната нарачка за стоте илјади спутникови вакцини, но секако имаме дуплирани нарачки од Кина, 200 по 200 илјади вакцини, осумстотини илјади преку Ковакс механизмот, 833.000 директно со Фајзар којшто се склучени, договорите кои што ги имаме со ЕУ заради Западен Балкан… Кога ќе ги правите пресметките поминуваме преку два милиони вакцини. Проценките беа милион, значи сме направиле се што треба да направиме“, изјави Заев.
Според него, Фајзер најавиле дека прво ќе добие вакцина Албанија, па Македонија, потоа Црна Гора, Косово и БиХ.
„Видовме во Албанија стигнаа вакцините, овие денови очекуваме првите пратки од директниот договор со Фајзер да стигнат кај нас“, потенцираше премиерот.
Опозицијата веќе подолг период ја критикува Владата дека не презела ништо за да обезбедни вакцини против ковид-19 и тоа е една од причините поради кои бара оставка од Владата. Вакцинирањето во Македонија почна пред една недела со вакцини од Фајзер, отстапени по набавна цена од Србија. Со нив се вакцинираат здравствените лица од првите редови во борбата против ковид-19.