Предлог-протокол за работа на рестораните за свадби и ноќните клубови ќе биде доставен до Комисијата за заразни болести, договорија денеска претставниците од овој угостителски сектор со вицепремиерот Фатмир Битиќи и директорот Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.
На средбата во Владата, што се одржа претпладне, Битиќи и Пауновски повторно истакнале дека заштитата на јавното здравје е најбитна, но и дека е важно да се зачува секое работно место.
„Со петтиот пакет мерки, компаниите од овој сектор може да искористат финансиска помош за исплата на плати, бескаматен кредит со грант компонента до 50 отсто, а со законот за државна гаранција кој е во собраниска процедура, значително би се помогнало за одржување на ликвидноста на компаниите“, рече Битиќи на средбата.
Според директорот на Инспекторатот, Пауновски, здравјето на граѓаните е најважно, а протоколите предложени од Комисијата за заразни болести и усвоени од Владата, се токму во насока на заштита на јавното здравје. Тој на претставниците на угостителите им гарантирал дека нема никаква селективност во постапување на инспекторите, ниту интенција при спроведувањето санкции.