Австрија и Данска во иднина повеќе нема да се потпираат на Европската унија (ЕУ) и ќе работат заедно со Израел на вакцина против коронавирусот, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц, пренесе АП. Пред да замине за Израел, Курц објави промена на курсот во стратегијата за борба против вирусот.
„Во иднина веќе нема да се потпираме на ЕУ и заедно со Израел ќе произведуваме вакцини од втора генерација против понатамошни варијанти на вирусот во следните години, и заеднички ќе ги истражуваме можностите за лекување“, рече Курц.
Во писмената изјава за агенцијата АПА, Курц истакна дека само на Австрија ѝ се потребни 30 милиони дози вакцини. Во пресрет на посетата на Израел, Курц денеска ќе оствари средба со претставници на водечките австриски фармацевтски компании.